Соработка со родители
Градинката како јавна установа од отворен тип својата дејност успешно може да ја реализира со плодна соработка и инволвирање на родителите во целокупниот живот на децата во тој простор.
Во летниот период при упис на новите деца директорот и воспитниот кадар ќе прават консултации со родителите и ќе им се укажава на сите што треба да се направи за добра подготовка на детето да посетува градинка. Особено важна компонента е довербата на родителот кон градинката и навременото добронамерно споделување на информации.
Соработката со семејството ќе се одвива низ следните форми:
1. Индивидуални разговори во време на донесување и заминување на детето од неформален карактер кои се однесуваат пред се на адаптацијата на детето во просторот, прифаќање на воспитувачите, исхраната и социјализацијата
2. Групови разговори по потреба
3. Посета на домови (за запознавање на детето и семејството во нивното сопствено опкружување ако детето тешко се адаптира)
4. Состаноци за ориентирање (средба со воспитниот тим и со други родители за да се запознае родителот со дневните процедури, како и вклучување на родители во планските активности со децата за преставување na нивните професии
5. Писмено информирање (огласни табли за известување за активностите со децата, јавување за специјални настани, изложби, претстави, општи и групови родителски состаноци, поставување специјално сандаче за предлози, идеи и забелешки што родителите ќе ги доставуваат до воспитниот тим и др.)
6. Групни родителски состаноци (септември и февруари и по потреба)
7. Творечки работилници еднаш во месецот за кои однапред родителот знае и може да се подготви за активно вклучување во работата низ разни активности со децата (учество во истражувачки активности, работа со природен материјал, новогодишен базар со хуманитарен карактер, велигденска работилница – фарбање јајца, пролетен базар,сообраќајни и спортски активности, изложби, маскенбал, изработка на кукли и др.)
Воспитувачите во однос на соработката со родителите ќе се залагаат за следново:
- Да имаат ентузијазам и желба за соработка, бидејќи неодлучноста може да придонесе за помал квалитет во соработката;
- Да се потрудат родителите да бидат што подобро информирани и да водат грижа за нивно подеднакво ангажирање;
- Детето не треба да биде споредувано со другите деца, бидејќи секое дете е личност за себе;
- Да се прифатат родителите како партнери, а не само како помош, набљудувачи и сл;
Соработка со други организации
Заради поуспешно развивање на дејноста градинката ќе соработува со повеќе организации од Градот, Републиката и пошироко.
Соработката со основните училишта што се во непосредна близина на градинката ќе се однесува на стручна размена на искуства, помош на деца што заминале од ЈУОДГ „Орце Николов“ – Карпош, Скопје во соодветното училиште ако има потреба, заеднички јавни настапи на општинско ниво што ќе ги организира градинката, Општината Карпош, Градот Скопје и Министерствата.
Ќе се продолжи со соработката со Филозофски факултет и Педагошките факултети во Скопје и реализацијата на менторска пракса од Институтот за педагогија, Институтот за психологија и Институтот за дефектологија и од Педагошкиот факултет – од групата за предучилишно воспитание. Ќе продолжи соработката и со библиотеката „Другарче“, Детски културен центар Карпош, Сојузот за грижи и воспитување на децата на Р. Македонија, Црвен крст на Општина Карпош, ЈП „Комунална хигиена“, Паркови и зеленило, „Јахја Кемал - јуниор“ и со сите Одделенија во Општина Карпош кои перманентно ни нудат советодавна и стручна помош.
Градинката ќе оствари непосредна соработка со сите Одделенија во Министерството за труд и социјална политика од аспект на советодавна - стручна помош и други потреби.
Градинката ќе остварува перманентна соработка со сите градинки од градот Скопје и од цела Македонија, а потесна соработка ќе се оствари со градинките од Општина Карпош.
Соработката со Поликлиника „Букурешт“ ќе се оставри преку стоматолозите од поликлиниката преку предавање со кое децата и вработените поблиску ќе се запознаваат со појавата на кариес и оралните заболувања.
Соработка и посета од страна на децата со: Природонаучен музеј, Метеоролошката станица, Кинотека на Р. Македонија, ЗОО и Луна парк, планината Водно, маркети, занаетчиски дуќани, ископини на Кале и Пречистителна станица.